ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Барселона напаѓа 12. титула, Фуксе Берлин сонува историски успех

По двете возбудливи полуфиналиња во Келн, дојде моментот за големото финале на Лигата на шампионите. Вечерва за европската титула ќе се борат Барселона и Фуксе Берлин.

За Берлин ова е втора последователна финална пресметка на Ф4 турнирот. Германскиот тим минатата година загуби од Магдебург со 32-26, а сега има можност за првпат во својата историја да стане европски шампион.

До финалето Берлин стигна откако во полуфиналето го совлада токму Магдебург со 40-35, а клучна улога во победата имаше голманот Дејан Милосављев со неколку важни одбрани во завршницата.

На спротивната страна е Барселона, која ќе игра за својата 12. титула во Лигата на шампионите. Каталонците во полуфиналето по продолженија го совладаа Алборг со 37-32, а најзаслужен за триумфот беше Алеиш Гомез, кој постигна осум гола.

Барселона досега има освоено рекордни 11 титули и деветпати играла финале на Ф4 турнирот, додека Берлин сè уште го чека својот прв европски трофеј.

Интересен е и податокот дека ниту еден германски тим досега не загубил финале на Ф4 од клуб кој не е од Германија. Единствените германски екипи кои останале без титулата во Келн се Кил во 2014 година и Берлин минатата сезона – и во двата случаи од германски ривали.

Во пресрет на финалето, прв стрелец на натпреварувањето е данската ѕвезда на Берлин, Матијас Гидсел, со 153 погодоци, додека кај Барселона најефикасен е Алеиш Гомез со 111 гола.

Пред големото финале ќе се одигра и натпреварот за третото место меѓу Магдебург и Алборг.

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ:

15:00 АЛБОРГ – МАГДЕБУРГ (ЛИГА НА ШАМПИОНИ)
18:00 БАРСЕЛОНА – ФУКСЕ БЕРЛИН (ЛИГА НА ШАМПИОНИ)