Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, заедно со генералниот секретар на РФМ, Влатко Тасевски, се дел од завршниот турнир од Лигата на шампионите, кој се одржува во Келн.
Најдобрите четири европски екипи во машкиот клупски ракомет се борат за престижниот трофеј во спектакуларна атмосфера пред десетици илјади љубители на ракометот од целиот свет.
Присуството на челниците на РФМ на овој врвен ракометен настан претставува можност за размена на искуства, следење на најновите трендови во европскиот ракомет и зајакнување на меѓународната соработка со водечките ракометни организации и клубови.
Во Келн присутен е и министерот за спорт на Македонија, Борко Ристовски, македонскиот селектор Кирил Лазаров, членови на УО на РФМ, како и претставниците на трите најдобри македонски клубови – Вардар, Еурофарм Пелистер и Охрид.
Таму се водечките луѓе на битолчани, Зоран и Бојан Стерјев, потоа Андрија Нунев и Владо Недановски од Вардар, како и Славчо Ристески и Борис Ројевиќ, кои ќе бидат дел утре од состанокот на ракометниот форум.























