Фуксе Берлин ќе се бори за шампионскиот трофеј во Келн

Фуксе Берлин за прв пат оваа сезона го совлада Магдебург и тоа убедливо со 40-35(19-17), победа вредна финале во Лигата на шампионите. Оваа година двете екипи дојдоа со променети улоги, Магдебург како актуелен германски шампион, а Фуксе Берлин без трофеј кој може да ја спаси сезоната. Токму тој факт како да го одлучи првиот финалист на овој 16. во низа Фајнл Фор турнир во Келн. Желбата, мотивот, одлучноста и реализацијата беа клучни за победа на овој дуел.

Првиот напад го имаше Магдебург, но првиот гол го постигна Берлин преку Теигум. Актуелниот шампион играше на долги напади, кои претежно завршуваа со пробив низ средината или левата страна, но и со непрецизни удари. Затоа Фуксе Берлин ја контролираше играта и ја имаше инцијативата во воведниот период.

Во првиот дел ниту еден од ривалите не успеа да создаде посериозна предност, повисока од еден гол. Првата одбрана на Хернандез ги смени улогите на двете екипи, откако со брза транзиција Хорнке им овозможи минимална предност на Магдебург. Но тоа траеше кратко бидејќи актуелниот будеслигашки шампион одигра две минути со играч помалку, а резултатската нишалка превагна кон ракометарите од главниот град на Германија.

Во средината на првиот дел го видовме оној препознатлив бунделигашки ритам, а головите на двете страни се редеа како на лента. Голманот на Берлин ја имаше првата интервенција дури во 16 минута, а токму тој момент му донесе на Фуксе Берлин контра напад за „плус два“.

Оттука Фуксе Берлин играше полесно. Во 18. минута Гидсел преку брз контра напад ја доведе својата екипа до највисока предност од 13-10, што беше знак за промена во редовите на Магдебург. Тренерот Вигерт се одлучи за измена на голманската позиција, па во игра влезе Мандиќ наместо Хернандез, а искусниот Лагергрен донесе стабилност во нападот. Тоа ја врати неизвесноста на овој дуел, па на три минути до паузата разликата меѓу двете екипи беше само еден гол. Во финишот на полувремето, одбраната на Фуксе Берлин беше на висина на задачата, па „лисиците“ бргу го вратија највисокото водство на овој дуел. До паузата новиот будеслигашки првак успеа да намали гол од високата негатива за конечни 19-17.

Второто полувреме продолжи со изедначен ритам. Хернандез на голот на Магдебург имаше неколку успешни интервенции, но „отпадоците“ завршуваа во рацете на „лисиците“, па разликата остана непроменета. Дури во средината на второто полувреме, добрата игра во одбраната даде плод, па Магдебург го изедначи резултатот на 29-29. Муше во 47 минута ја врати предноста за шампионот, прва по 3-2 на почетокот на првото полувреме.

Во интересна завршница, Магдебург не успеа да го одржи темпото, се обидуваа атрактивно да ја разбијат одбраната на Берлин, но наместо атракција донесе грешки во нападот, кои „лисиците“ знаеја како да ги валоризитаат- преку расположениот Гидсел. На пет минути до крајот Берлин имаше напад за „плус три“, но Ласе Андрерсен стрелаше милиметри до голот, затоа Магдебург им овозможи уште една шанса за крај на надежите во ова финале. На три минути до крајот Фуксе Берлин имаше 5 голови разлика, предност доволна за шампионско финале.

Во реприза на финалето од 2025, Фуксе Берлин и Магдебург го отворија полуфиналниот ден во Лигата на шампионите во Келн, но овојпат „лисиците“ и се израдуваа на победата која ги води во финале, каде ќе се сретнат со поуспешниот од дуелот меѓу Барса и Алборг.