Актуелниот европски шампион Магдебург подготвен го дочекува полуфиналето на Ф4 турнирот во Келн против Фуксе Берлин.
Тренерот Бенет Вигерт вели дека не морал дополнително да ги мотивира своите ракометари.
„Искрено, немаше потреба. Кога ќе тргнете кон Келн, мотивацијата веќе е во вас. Двапати ја освоивме титулата и знаеме колку е прекрасно тоа чувство. Повеќето играчи веќе го доживеале тој успех и доволно е само да се потсетиме на тие моменти. Мотивирани сме 100%“, изјави Вигерт.
Германскиот стратег смета дека претстојниот дуел со Берлин нема многу врска со минатогодишното финале меѓу двата тима.
„Ова е сосема поинаков натпревар, друга сезона и различна динамика. Минатата година Берлин беше шампион на Бундес лигата, сега тоа сме ние. Секој натпревар е приказна за себе“, додаде Вигерт.
Исландскиот организатор на играта Гисли Кристијансон потенцира дека сега не е време за славење на пласманот во Келн.
„Среќни сме што сме тука меѓу најдобрите екипи, но сега е време за максимален фокус. Нè очекува тежок натпревар против еден од најдобрите тимови во светот“, рече Кристијансон.
Тој не верува дека двете победи над Берлин оваа сезона ќе имаат влијание во полуфиналето.
„Не мислам дека некој размислува за тие натпревари. Се познаваме многу добро од Бундес лигата, но секој меч е нова приказна. Така ќе биде и утре“, смета Исланѓанецот.
Шведскиот бек Феликс Клар истакна дека Магдебург останува гладен за нови успеси и покрај освоената титула минатата сезона.
„Кога еднаш ќе ја освоите Лигата на шампионите, сакате да го направите тоа повторно. Тешко е да се остане на врвот, но ние сме уште гладни за трофеи и сакаме да останеме таму“, изјави Клар.
За полуфиналето против Берлин, Швеѓанецот очекува вистинска битка.
„Очекувам тежок и физички натпревар, можеби и со многу голови. Секако дека Матијас Гидсел е еден од клучните играчи, но Берлин има многу квалитетни ракометари. Нема посебен план за Гидсел, фокусирани сме на нашата игра“, заврши Клар.
Првиот меч на Ф4 меѓу Магдебург и Фуксе Берлин се игра од 15:00 часот, додека од 18:00 часот е пресметката меѓу Алборг и Барселона.
























