Тренерот на Алборг Хандбол, Симон Дал, со нетрпение го очекува своето прво учество на завршниот турнир во Лигата на шампионите како главен тренер и верува дека неговиот тим има што да покаже во Келн.
Данскиот тим ќе се соочи во полуфиналето против големата Барса, додека ќе има германски двобој во второто полувфинале меѓу Магдебург и Фуксе Берлин.
„Ќе биде навистина забавно. Се обидувам да гледам позитивно на работите и да не размислувам премногу за притисокот. Многу тренери би сакале да бидат на моето место. Во текот на целата сезона покажавме дека заслужуваме да бидеме тука и сега сме мотивирани да направиме уште повеќе“, изјави Дал.
Тој смета дека Алборг одиграл одлична европска сезона, издвојувајќи ги победата на гости кај Веспрем во групната фаза и четвртфиналниот триумф против Спортинг Лисабон.
Во полуфиналето Данците ќе се соочат со актуелниот европски шампион Барселона.
„Тие се исклучително опасен тим. Имаат огромно искуство и квалитет на секоја позиција. Го држат рекордот по бројот на освоени титули и тоа не е случајно. Но, во Келн сите имаат свои шанси. Навистина нема фаворити“, порача Дал.
Десниот бек Мадс Хоксер смета дека Алборг е подготвен за предизвикот.
„Во последниот натпревар против Барселона одигравме одлично на домашен терен. Во текот на сезоната многу работевме на себе. Барселона има многу врвни играчи, но мислам дека се подготвивме најдобро што можевме. Целиот тим е подготвен да направи сè за да победи“, истакна Хоксер.
Норвешката ѕвезда Сандер Сагосен, кој во 2020 година ја освои титулата со Кил, се надева дека повторно ќе го подигне трофејот.
„Освојувањето на титулата во 2020 година е еден од најубавите моменти во мојата кариера и сакам повторно да го доживеам тоа. Знам колку е тешко да се стигне до трофејот. Во Келн мора да одиграте совршени 120 минути и да имате и малку среќа“, изјави Сагосен.
Мечот меѓу Алборг и Барса ќе се игра утре од 15:00 часот во „Ланксес Арена“.
























