Германците му веруваат: Лазаров ќе го води Интерактив и наредната сезона

Некогашниот македонски репрезентативец Филип Лазаров ќе продолжи да го предводи германскиот клуб Интерактива и во наредната сезона, откако двете страни постигнаа договор за продолжување на соработката за уште една година.

За Лазаров ова ќе биде осма сезона во клубот и петта како главен тренер на првиот тим. Откако ја презеде екипата во летото 2022 година, тој остави силен печат врз развојот на клубот, предводејќи го до два пласмани во повисок ранг во период од три години и враќајќи го тимот во Третата германска лига.

„Среќен сум поради довербата што клубот ми ја укажа повторно да ја водам екипата. Долго време сум дел од овој клуб и чувствувам искрена емоционална поврзаност со него. Тоа ме мотивира секогаш да го давам максимумот“, изјави Лазаров.

Македонскиот стратег истакна дека главна причина за продолжувањето на договорот е перспективата на тимот и работата со младите ракометари.

„Сакам да продолжам да работам со оваа група млади и амбициозни играчи. Начинот на кој се развива клубот целосно се совпаѓа со моите амбиции како тренер“, додаде Лазаров.

Во изминатите четири години Интерактива оствари значајни успеси, меѓу кои два пласмани во повисок ранг, освојување на Аматерскиот куп и историски осмо место во Третата лига оваа сезона, а тоа е најдобар резултат во поновата историја на клубот.

Посебен акцент Лазаров става на развојот на младите категории. Дури шест играчи од вториот тим и младинската екипа ќе бидат дел од првиот состав во новата сезона, што според него е доказ дека клубот се движи во вистинска насока.

Лазаров веќе гледа кон новата сезона, но нагласува дека најважно е екипата да остане здрава за да може да го покаже својот потенцијал и да биде конкурентна против најдобрите тимови во лигата.

____________________________________________________________________________________________________
  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________