Шок во Германија: Кил за првпат по 33 години останува без Европа?!

Кризата во редовите на германскиот гигант Кил доби ново поглавје по домашниот пораз од Лемго со 34-31 во последното коло од Бундес лигата.

Со овој неуспех, Кил остана надвор од ТОП 5 во Бундеслигата, што ќе биде нивен најлош пласман уште од сезоната 2002/03. Кил има 42 бода исто колку Лемго кој е петти, но „зебрите“ имаат послаб меѓусебен дуел.

Сепак, уште поголем удар за славниот германски клуб е можноста следната сезона воопшто да не настапува на европска сцена. Доколку ЕХФ не му додели вајлд-карта за Лигата на Европа, Кил ќе остане без место во европските купови за првпат од 1993 година.

Тоа би значело крај на неверојатна низа долга 33 години, во која „зебрите“ континуирано беа дел од европските натпреварувања и редовно се бореа за највисоките дострели.

Кил е еден од најтрофејните клубови во историјата на европскиот ракомет, со четири титули во Лигата на шампионите и бројни национални трофеи, но последните сезони клубот е далеку од шампионската трка во Германија. По две последователни четврти места, оваа сезона ќе заврши уште послабо, што отвора сериозни прашања околу иднината на тренерот Филип Јиха и спортската политика на клубот.