Тимот на Еурофарм Пелистер го промовираше петтото засилување за новата сезона во која ќе влезе со големи амбиции.
По ангажманот на Лино Червар, битолчани го донесоа левиот бек Малик Татар, најдобриот стрелец во словенечкиот шампионат.
„Со карактеристики кои го привлекоа вниманието на повеќе европски клубови, нашиот нов лев бек со право беше во бележниците на многу ракометни познавачи. Наше е задоволството да го потврдиме неговиот трансфер. 20-годишниот лев бек Малик Татар е нов член на Еурофарм Пелистер. Се работи за словенечки потенцијал, со проекција за голема кариера и сигурен напредок. Тој е роден во Целје, се афирмира во Горење Велење, а ги мина и сите младински категории на словенечката репрезентација. Татар се обврза на двегодишен договор со нашиот клуб и ќе биде претставен на почетокот на подготовките за следната сезона“, се вели во објавата на битолчани.
Татар има 20 години и е голем потенцијал на словенечкиот ракомет, а оваа сезона играше како позајмен од шампионот Слован Љубљана во Шкофлица.
Претходно клубот се засили со Миха Котар, Мартин Серафимов, Ненад Белистојаноски и Едвин Џелиловиќ.























