Германците го задржаа „рибарот“ – Гисласон потпиша до 2028 година!

Германската ракометна федерација го продолжи договорот со селекторот Алфред Гисласон, кој ќе ја предводи машката репрезентација најмалку до крајот на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година.

Искусниот Исланѓанец, кој ја презема репрезентацијата во февруари 2020 година, успеа повторно да ја издигне до самиот европски и светски врв. Под негово водство, Германците стигнаа до олимписко сребро во Париз 2024, а во 2026 година играа и финале на Европското првенство, а тоа беа први медали за „панцерите“ по цели десет години.

„Да се биде селектор на Германија е многу повеќе од работа. Нашата задача беше да ја подмладиме репрезентацијата и мислам дека успеавме во тоа. Благодарен сум за довербата и верувам дека со оваа генерација можеме да го направиме и последниот чекор“, порача Гисласон.

Гисласон зад себе има блескава тренерска кариера. Освојувач е на три титули во Лигата на шампионите со Магдебург и Кил, а во Бундес лигата има седум шампионски трофеи. Пред да стане селектор на Германија, долги години успешно го водеше Кил.

Следен голем предизвик за Германците ќе биде Светското првенство 2027, кое ќе се игра токму во Германија.