Уште една бомба покрај езерото – доаѓа јапонски репрезентативец од Нант!

Амбициозниот Охрид донесе уште едно засилување за претстојната сезона во која влегува со уште поголеми амбиции.

Кружниот напаѓач на францускиот Нант и јапонски репрезентативец, Суичи Јошида, ќе биде ракометар на Охрид во следните две сезони откако потпиша до 2028 година.

Тој има 25 години, потекнува од Цукуба, од 2020 година игра во Европа, каде беше дел од полскиот Тарнов до 2023, потоа мина една сезона во францускиот Данкерк, а сега игра за Нант.

Јошида е прва опција на позицијата пивот на јапонската репрезентација и прогласен за најдобар на таа позиција на Азиското првенство во 2024, кога Јапонија беше бронзена.

Претходно Охрид се засили со голманот Дино Славиќ, десниот бек Доминик Мате, средниот бек Мартин Карапалевски, левото крило Адама Кеита и средниот бек Никола Зечевиќ.