Прибетиќ: Мора да останеме со ладни глави и да се фокусираме на финалето

Ракометарите на Охрид загубија на домашен терен од Еурофарм Пелистер со 25-22 во важен натпревар во битката за второто место во Супер лигата.

Кружниот напаѓач Џанфранко Прибетиќ вели дека противникот заслужено го добил овој натпревар.

„Пред се би сакал да им честитам на ракометарите на Еурофарм Пелистер за победата, ја заслужија. Мораме да се погледнеме во очи и да признаеме, заслужено загубивме, ние премногу промашивме, премногу чисти ситуации, работите не одеа онака како што посакувавме. Секако, не е крај на светот, има уште натпревари што треба да се играат до завршувањето на сезоната“, изјави Прибетиќ.

За охриѓани нема многу одмор, бидејќи веќе в недела ги очекува првиот финален натпревар од ЕХФ Европскиот Куп против унгарската Татабања.

„Нас не чека големото финале од ЕХФ Купот, мораме да се кренеме по овој пораз, да останеме сите заедно и да одиме да го освоиме тој пехар. Не смееме да потонеме по овој пораз, мора да останеме со ладни глави, одиме во Унгарија да дадеме се од себе“, изјави Прибетиќ.

Првиот меч од финалето на ЕХФ Европскиот Куп меѓу Татабања и Охрид се игра в недела на 24 мај од 17:00 часот.