Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги дели една победа до второто место во македонската Супер лига, откако славеа на тешкото гостување кај Охрид со 25-22 Второто место ќе носи пласман во Лигата на Европа, ако првакот Вардар добие вајлд-карта за Лигата на шампионите.
Сега битолскиот тим има 50 бодови, исто колку што има и Охрид, но пелистерци имаат подобар меѓусебен дуел со охридскиот состав, па во моментов се втори. Во победи е израмнето 2-2, па гол-разликата решава ако и на крајот по последното коло двете екипи имаат ист број бодови. Охрид ќе игра со Тиквеш, а Еурофарм Пелистер дома со тимот на Лазаров. Ако битолчани слават тогаш сигурно се втори, додека охриѓани ќе мора да слават и да се надеваат на кикс на пелистерци за да бидат втори.
Одличен на голот беше Никола Митревски, кој успеа да фати 16 удари на домашните ракометари. Предводници на нападот на битолчани беа Радивојевиќ со осум и Кузмановски со четири гола. На охридскиот гол, Пилиповиќ запиша 11 интервенции, а Јасухира даде пет погодоци.
Мечот тргна со голмански одбрани на Пилиповиќ и Митревски, а потоа следуваа по два гола на двете страни за 2-2 по пет минути игра. Митревски два пати ги запре домашните ракометари, па следуваа казни преку Тајник и Кузмановски за 4-2 за пелистерци.
Митревски продолжи да брани во одлична форма, Радивојевиќ да погодува, па Ројевиќ мораше да бара тајм-аут при водство на битолчани со 7-4. Немаа многу решенија домаќините за расположениот Митревски, гостите за тоа време реализираа и по дваесетина минути беше 12-6 за Еурофарм Пелистер.
Охриѓани пробуваа повеќе варијанти, но кратката ротација на бековските позиции беше главниот проблем. Битолчани ја задржаа предноста до крајот на првиот дел и на пауза заминаа со плус шест, 16-10.
На стартот на вториот се вжешти играта, имаше пожестоки дуели на двете страни, а Митревски продолжи со одличната партија. Беше 18-12 за гостите, пред Блажески да му одбрани пенал на Кузмановски, но неговите соиграчи не можеа да го најдат патот до мрежата на Митревски и пелистерци отидоа на плус осум, 20-12.
Ројевиќ го побара третиот и последен тајм-аут по десетина минути игра во второто полувреме, но беше и 21-13. Но Пилиповиќ фати пенал, охриѓани врзаа три гола во серија за 21-16, па тоа беше знак за гостинскиот стратег Лембанов да побара минута одмор и да ги смири своите избраници.
Но нападот беше пасивен и немаше реализација, па Охрид уште повеќе ја намали разликата, 21-17 на десетина минути до крајот. Но Митревски им фати зицери на Јасухира и Лиапис, потоа му одбрани и на Иванковиќ и немаше веќе назад за Охрид. До крајот пелистерци смирено ја задржаа разликата и славеа на жешкото гостување.
Следен предизвик за Охрид ќе биде првиот финален натпревар од ЕХФ Европскиот Куп против унгарската Татабања, додека Еурофарм Пелистер во текот на наредната недела ќе игра против „сино-белите“ од Автокоманда.

























