Ојлески: Голем е влогот и за нас и за Еурофарм Пелистер – ќе има борба до самиот крај

Капитенот на Охрид, Гоце Ојлески, испрати силна порака пред еден од најважните натпревари за охридскиот тим оваа сезона, а тоа е дербито против Еурофарм Пелистер во директната битка за второто место во Супер лигата.

Искусното лево крило нагласи дека пред тимот се две исклучително тешки недели во кои ќе се решава многу, како на домашната сцена, така и во Европа.

„Уште две недели имаме до крајот на сезоната во кои ни следуваат многу тешки и важни натпревари. Утре ни доаѓа екипата на Еурофарм Пелистер. Тие се квалитетна екипа, учесник во ЛШ, со одлични резултати. Ни фалеа неколку играчи поради репрезентативни обврски. Ќе пробаме да дадеме максимум. Сите момци се подготвени. Очекувам тежок натпревар со голем влог и за нас и за Еурофарм Пелистер. Ќе има борба до самиот крај, ќе се подготвиме најдобро што можеме и се надеваме на позитивен резултат“, изјави Ојлески.

Охриѓани моментално се во одлична позиција во шампионатот, а евентуален позитивен резултат против битолскиот ривал би бил огромен чекор кон освојување на вицешампионската позиција и место во Лигата на Европа.

Покрај домашните предизвици, Охрид го очекува и историско финале во ЕХФ Европскиот куп против унгарска Татабања. Капитенот потенцира дека тимот максимално сериозно пристапува и на европскиот двомеч.

„По ова ни следи финале во ЕКФ Купот. Татабања е одличен тим со квалитетни ракометари. Ќе пробаме во првиот натпревар да оствариме што подобар резултат. Потоа ни следува и домашен натпревар. Овој меч не е решавачки, но мора да влеземе максимално мотивирани и спремни, затоа што секој гол и секоја разлика може да одлучи на крај“, заврши Ојлески.

Натпреварот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер се игра во среда со почеток од 19:00 часот во салата „Билјанини Извори“, каде се очекува вистинска ракометна атмосфера и борба до последна секунда.