Познат претпоследниот учесник во Супер машката лига за наредната сезона

Екипата на „витамините“ од Автокоманда се вратија во Супер лигата, откако во последното коло од Првата лига убедливо славеше против Драчево Јуниор со 39-25.

Тимот од Автокоманда по само две сезони минати во понизок ранг повторно ќе биде дел од македонската ракометна елита, а промоцијата ја обезбеди со 23 победи и еден пораз.

Во последниот меч сезонава најрасположен во победничкиот тим беше Бобан Поповски, кој од следната сезона ќе го носи дресот на Вардар и кој даде осум голови, додека Немања Џигеровски постигна седум.

Во составот на Драчево Јуниор се истакна Димитар Петковски со пет погодоци.

Последниот учесник во Супер лигата за наредната сезона ќе биде познат по одигрувањето на бараж натпреварот меѓу Струга и Младост Богданци.