Тимот на Охрид испишува историја сезонава и втора година по ред Македонија ќе има претставник во финалето на ЕХФ Европскиот куп.
Пред големата пресметка со унгарска Татабања, тренерот Борис Ројевиќ во интервју за ЕХФ, зборуваше за развојот на тимот, силата на охридскиот состав и амбициите во борбата за европскиот трофеј. Ројевиќ смета дека неговиот тим сосема заслужено стигнал до финалето.
„Заслуживме да бидеме во финалето затоа што бевме подобри од противниците. Во првите кола бевме сигурни против Баку, Слога Добој и Дукла Прага. Против Олимпијакос одигравме одлично во Грција, а во полуфиналето со Целје беше многу тешко, но се изборивме за големото финале“, изјави стратегот на Охрид.
Тој потенцира дека тимот е во процес на градење, особено по бројните промени во ростерот.
„Очекувам летово да изградиме тим кој ќе остане заедно три или четири години. Загубивме двајца важни леви бекови и моментално само Анте Иванковиќ е достапен на таа позиција“, објасни Ројевиќ.
Тренерот посебно ја истакна дефанзивата како најсилно оружје на охриѓани.
„Нашата одбрана е најдобра во регионот. Кристијан Пилиповиќ е најдобар голман во лигата, а имаме и одлични дефанзивци како Ориол Реј Моралес, Анте Иванковиќ, Николаос Лијапис и Давид Савревски. Од стартот на сезоната вложивме многу работа во одбраната“, нагласи тој.
За противникот во финалето, Ројевиќ има голем респект, но и верба во својот тим.
„Можеби Татабања е фаворит поради поголемото европско искуство и поширокиот ростер. Имаат многу квалитетни играчи, но ние го играме реваншот во Охрид и знаеме колку добра може да биде нашата одбрана. Нема да истакнеме бело знаме, ќе направиме сè за да ја освоиме титулата. Тие имаат осум квалитетни бекови, а ние моментално само четири. Тоа е голема предност за Татабања и ќе мора многу внимателно да го контролираме ритамот на играта“, истакна Ројевиќ.
На крајот, тренерот на Охрид посочи дека силната македонска лига е клучна за развојот на клубовите.
„Имаме многу силно и тешко првенство. Секоја натпревар е тежок и токму тоа им помага на екипите да напредуваат. Оваа сезона малку изненадивме и сакаме да се бориме за второто место“, заврши Ројевиќ.
Охрид утре го игра мечот со Еурофарм Пелистер, в недела е првата пресметка со Татабања, во вторник двобојот со Тиквеш на 26 мај, додека сезоната ќе биде завршена со вториот меч со унгарскиот тим на домашен терен на 31 мај.

























