ПСЖ ќе прави ремонт, Парондо од 2027 година на клупата на „светците“!

ПСЖ подготвува нова голема реконструкција на проектот, а во центарот на вниманието е шпанскиот стратег Роберто Гарсија Парондо.

Според францускиот „Лекип“, актуелниот тренер на Мелсунген е сериозен кандидат да го преземе ПСЖ од 2027 година и да биде лидер на новата ера во парискиот клуб.

Иако Стефан Мадсен минатото лето беше назначен за тренер, француските и германските медиуми тврдат дека во Париз веќе размислуваат долгорочно и го гледаат Парондо како идеален човек за новата спортска револуција.

Шпанецот има огромна репутација во европскиот ракомет. Како тренер го одведе Вардар до историската титула во Лигата на шампионите во 2019 година, а моментално има одлични резултати со германскиот Мелсунген.

Во ПСЖ очигледно сакаат нов циклус со јасна цел, конечно освојување на европската титула, која со години им „бега“ и покрај огромните инвестиции.

Парондо важи за еден од најценетите европски тренери, а неговото евентуално доаѓање во Париз би можело да значи нова ера и сериозни кадровски промени во составот на францускиот шампион. Неговиот договор со Мелсунген завршува во 2027 година, а Мадсен исто така има договор до 2027, па преселбата на Парондо во Париз ќе може да мине без проблеми.