Хаос по новата реформа во ЛШ, Германците бесни!

Новата реформа на ЕХФ повторно предизвика вистинска бура во европскиот ракомет, а најгласни реакции пристигнуваат од Германија.

Од сезоната 2026/27, Лигата на шампионите ќе биде проширена од 16 на 24 екипи, а воведени се и нови правила за пласман кои веќе создаваат контроверзни сценарија.
Според новиот систем, директно место во елитното натпреварување ќе добиваат актуелниот освојувач на Лигата на шампионите и победникот на Лигата на Европа, дури и ако преку домашното првенство не обезбедат место меѓу најдобрите.

Токму тоа доведе до апсурдна ситуација пред големото дерби меѓу Кил и Фуксе Берлин во Бундес лигата.

Кил веќе речиси ги загуби шансите преку германското првенство да се пласира во Лигата на шампионите, но сè уште има надеж преку освојување на Лигата на Европа на Ф4 турнирот во Хамбург.

Сепак, дури ни тоа можеби нема да биде доволно!

Ако Фуксе Берлин ја освои Лигата на шампионите во Келн, а во Бундес лигата заврши трет зад Магдебург и Фленсбург, тогаш токму тие три клуба би обезбедиле место во следната сезона од ЛШ. Во таков случај, евентуалниот европски трофеј на Кил не би имал никаква вредност кога станува збор за пласманот во елитата.

Тоа значи дека Кил практично ќе мора да навива Фуксе Берлин да заврши втор во Бундес лигата за нивниот можен успех во Лигата на Европа да биде „вреден“. Ситуацијата предизвика огромни критики во германскиот ракомет, а меѓу првите што јавно реагираа беше искусниот дефанзивец на Кил, Хендрик Пекелер.

„Ова е чудна ситуација, да не кажам луда, и сигурно не е во духот на спортот. Ќе дадеме сè од себе затоа што тоа им го должиме на нашите навивачи“, изјави Пекелер пред дербито.