Ракометарите на Охрид се во битка за второто место во македонскиот шампионат, а нов предизвик пред нив е шампионот Вардар.
Охриѓани и Еурофарм Пелистер се на делба на втората позиција со по 48 бодови, но „гладијаторите“ имаат меч помалку, а потоа ќе имаат и меѓусебен двобој на теренот во Охрид.
Кружниот напаѓач Иван Тасески пред дуелот со Вардар вели дека ако се пружи шанса за победа, ќе ја искористат тој и соиграчите.
„Честитки за титулата на Вардар, овој викенд ни следува дуел со шампионот. Иако имаме голем број на повредени играчи, ќе го дадеме максимумот. Оваа сезона покажавме дека можеме да се носиме со сите екипи и доколку ни се пружи шанса, ќе гледаме ја искористиме. Сигурен сум дека охридската публика ќе ужива во овој натпревар“, изјави Тасески.
Натпреварот меѓу Охрид и Вардар се игра вечерва во СЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 18:00 часот.
























