Вардар со победа го заврши настапот во Лига Европа, откако во реваншот од четвртфиналето на Лига Европа триумфираше со 27-24 (17-12) против Монпелје. Французите ќе играат на Ф4 турнирот во Хамбург благодарение на победата од 33-23 на првиот меч.
Имаа скопјани полна сала, пет гола предност на полувреме, одлична атмосфера – предуслови за „херојски камбек“. И водеа со седум гола во неколку моменти во второто полувреме, но го немаше „чекорот напред“ кој требаше да им донесе шанса да дојдат поблиску до „десетката“.
Ќе жалат вардарци за шансата, бидејќи покажаа дека имаат квалитет да се борат за место во ТОП 4 во Лига Европа. В година веројатно во ранг повисоко, во Лига на шампиони со состав кој би требало да биде посилен. А дотогаш ќе се надеваат дека ќе имаат нова шанса да играат на Ф4.
Милош Валах за 6 минути на самио тпочеток на средбата имаше пет успешни одбрани најавувајќи дека овој меч е „негов“. Одбраната на Вардар играше како да е „последен меч“, остро, на граница, не дозволувајќи топката да мине низ рацете, туку да заврши во блокот.

Полната сала, скандирањето и навивањето направија притисок кој му донесе на Вардар водство од 4-2, и шанса да зголеми, но гостите знаеја секоја грешка да ја казнат, и да бидат во границите на тие 1-2 негатива.
Урош Митровиќ прв ја проби границата од три гола, носејќи предност од 6-3 во 12 минута. Можеа вардарци да отидат и на „плус 4“, но под пасивен напад Десбоне го одбрани ударот на Малус, а потоа од пенал гостите намалија на 7-5. Вардарци сега се држат до предност од 3-4 гола, полека правејќи предност. Но, мораат да ги користат сите шанси за да може побрзо да се стигне негативата од првиот меч.
Во 18 минута Жоао Педро конечно зголеми на „плус 4“ и Вардар водеше со 10-6. Валах повторно имаше „парада од соништата“ по која во полуконтра Воркапиќ од крило зголеми на 12-7, преполовувајќи ја разликата од првиот меч.
Ако досега функционираше тактиката на Чупиќ, тренерот на скопјани мораше да бара друго решение, откако Урош Митровиќ доби директен црвен картон по фаулот над Валентин Порт. Колку беше сериозне ударот покажува и фактот што судиите веднаш му покажаа и син картон. Тоа значи дека најмалку еден меч ќе паузира, а може и повеќе, во зависност од одлуката на дисциплинската комисија на ЕХФ.
Со играч помалку Вардар прими гол, а потоа Малус веднаш врати за задржување на „петката“. Меч во кој секоја грешка се казнува, па така гостите набрзина дадоа два гола по ред и намалија на 13-10. Иван Чупиќ побара минута одмор во 24 минута.
Од тој напад немаше гол, туку пробивање, но откако и гостите направија техничка грешка, во полуконтра Тузолана зголеми на 14-10. Сега се вртеше се околу тие 4-5 гола предност и желбата на Вардар да оди гол плус. Доби шанса нападот да зголеми на „плус 5“, но топката од Лазаревски заврши во рацете на Десбоне. Но најважно беше што на полувреме Вардар ја имаше предност што можеби ја посакуваше, пет гола, со што веќе половина од негативата беше преполовена.

Само што почна второто полувреме Малус со гол зголеми на 18-12, а Валах одбрани по 10-ти пат на натпреварот. Во напад топката не стигна до Лазаревски и пропадна првата шанса да се зголеми на „плус 7“. Имаа среќа гостите бидејќи одбиената топка заврши во нивните раце, но брзо потоа Вардар возврати и повторно беше плус 6, за водство 19-13.
Жоао Педро во 36 минута го донесе водството од „плус 7“ и 20-13 за Вардар. Мало невнимание на Горига и направи пробивање, но и Монпелје промаши. Вардарци „паѓаа на глава“ за секоја топка, и тоа и носеше нови шанси за голови. При секоја наша грешка гостите казнуваа.
Важно беше што сега имавме 6-7 гола предност, и полека се топеше негативата. Васил Гогов донесе нова дилириум во салата со вториот одбранет пенал во 42 минута. И повторно кога не се користат шансите доаѓа казната, па Монпелје намали на 22-18 во 47 минута. Имаше се помалку време, а гостите успешно го трошеа времето. И плус голманот Десбоне нанижа 10 успешни одбрани. И се им одеше во прилог на Французите.
На крајот Валах собра 18 одбрани со 47% успешност, а Дебоне на спротивната страна имаше 15 интервенции. Најдобар стрелец кај Вардар беше Малус со шест гола, а по пет за Монпелје дадоа Вијмино, Плантан и Ришер.
























