Вардар води со „плус 5“ на полувреме против Монпелје

Вардар има предност од 17-12 на полувреме од реванш средбата со Монпелје од четвртфиналето на Лига Европа. „Црвено-црните“ бркаат негатива од десет гола. Според играта во првото полувреме „се е можно“ и достижно.

Милош Валах за 6 минути имаше пет успешни одбрани најавувајќи дека овој меч е „негов“. Одбраната на Вардар играше како да е „последен меч“, остро, на граница, не дозволувајќи топката да мине низ рацете, туку да заврши во блокот.

Полната сала, скандирањето и навивањето направија притисок кој му донесе на Вардар водство од 4-2, и шанса да зголеми, но гостите знаеја секоја грешка да ја казнат, и да бидат во границите на тие 1-2 негатива.

Урош Митровиќ прв ја проби границата од три гола, носејќи предност од 6-3 во 12 минута. Можеа вардарци да отидат и на „плус 4“, но под пасивен напад Десбоне го одбрани ударот на Малус, а потоа од пенал гостите намалија на 7-5. Вардарци сега се држат до предност од 3-4 гола, полека правејќи предност. Но, мораат да ги користат сите шанси за да може побрзо да се стигне негативата од првиот меч.

Во 18 минута Жоао Педро конечно зголеми на „плус 4“ и Вардар водеше со 10-6. Валах повторно имаше „парада од соништата“ по кој аво полуконтра Воркапиќ од крило зголеми на 12-7, преполовувајќи ја разликата од првиот меч.

Ако досега функционираше тактиката на Чупиќ, тренерот на скопјани мораше да бара друго решение, откако Урош Митровиќ доби директен црвен картон по фаулот над Валентин Порт. Со играч помалку Вардар прими гол, а потоа Малус веднаш врати за задржување на „петката“. Меч во кој секоја грешка се казнува, па така гостите набрзина дадоа два гола по ред и намалија на 13-10. Иван Чупиќ побара минута одмор во 24 минута.

Од тој напад немаше гол, туку пробивање, но откако и гостите направија техничка грешка, во полуконтра Тузолана зголеми на 14-10. Сега се вртеше се околу тие 4-5 гола предност и желбата на Вардар да оди гол плус. Доби шанса нападот да зголеми на „плус 5“, но топката од Лазаревски заврши во рацете на Десбоне.