Иако десетте гола изгледаат висока предност од Вардар сметаат дека навивачите и полната сала во СЦ „Јане Сандански“ ќе бидат мотив и „ветер во грб“ за играчите вечерва против Монпелје (20,45 ч.)
Победникот од двмечот ќе игра на завршниот турнир од Лига Европа во Хамбруг на крајот на мај. Вардарци веруваат дека може да одиграат на ниво кое ќе им донесе победа, а дали ќе биде доволна ќе покаже играта. Но, на трибините сигурно ќе биде полно, а скопската публика пак ќе биде во фокусот на ЕХФ.
„И Кил беше фасциниран од нашите навивачи, кои во 2019 година останаа долго на трибините за поддршка на клубот иако Германците победија со 11 гола. Во нашите разговори ни кажаа дека такава публика секој посакува. И потоа Кил кога играше со Монпелје, успеа да надополни девет гола и да се пласира на Ф4. Во 2006 година имавме негатива од седум гола против Иври, а во „Кале“ победивме со 12, многу повеќе одколку што ни требаше, вели Филип Илиев, маркетинг менаџерот во клубот.
Без разлика на исходите од мечевите Вардар ја одржува праксата да има фан зони пред почетокот на натпреварите, каде навивачите и гледачите ќе се забавуваат пред да влезат во сала.
„Фан зоните не зависат од резултатот, и целта ни е да има повеќе забава, пред и за време на натпреварот. Тие ќе бидат секојдневие во иднина, и тука и во Расадник, секогаш кога ќе игра Вардар. Во иднина ќе бидат побогати. Целта е да го обединува народот, да се забавуват а играчите ќе им вратат со добри резултати. Сезонава ја враќаме двојната круна, и целите на клубот се остварени, вели Илиев.























