Според информациите на полскиот медиум „Преглед Спортови“, изненадувачката оставка на Талант Душебаев од Келце не била само поради резултатите, туку и поради сериозен внатрешен конфликт во тимот.
Сè започнало по поразот во полуфиналето на Купот на Полска од Висла Плоцк, 30-25, на 18 април. По натпреварот, искусниот тренер жестоко ги критикувал своите играчи, што предизвикало силна реакција во соблекувалната. Според извештаите, дел од носителите на играта дури се заканиле дека ќе го бојкотираат следниот тренинг.
Во клубот, кој со години функционираше под цврстата рака на Душебаев, настанала ретка ситуација, отворен судир меѓу тренерот и играчите.
Се формирале две струи – мнозинска група против тренерот и мала група која застанала зад него. Според полските медиуми, единствени кои јавно го поддржале биле неговите синови Алекс и Даниел Душебаеви, кои исто така ќе го напуштат клубот по крајот на сезоната.
Овој внатрешен конфликт го забрза заминувањето на Душебаев, кое првично беше планирано за крајот на сезоната. На 24 април, Келце официјално ја потврди разделбата по 12 години соработка, период во кој клубот освои бројни трофеи, вклучувајќи ја и Лигата на шампиони во 2016 година, десет титули во Полска и многу настапи на Ф4 турнирите.
До крајот на сезоната, тимот ќе го предводи Кшиштоф Лијевски како привремен тренер, додека клубот наскоро се очекува да го именува новиот стратег.
























