Унгарскиот гигант Веспрем славеше минимален триумф над Фуксе Берлин со 35-34 во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите.
Иако „лисиците“ водеа и со пет голови разлика во второто полувреме, сепак предводени од голманот Апелгрен, домаќините успеаја да направат комплетен пресврт.
Откако Веспрем израмни на 29-29, се играше неколку минути со погодоци на двете страни, а во последната минута момците на Пасквал стигнаа до плус два, 35-33.
Сепак Фуксе Берлин преку Фрајхофер на пет секунди до крајот намали од пенал и немаше време за домашните да постигнат погодок.
Со оглед на високата негатива, Веспрем може и треба да биде задоволен од развојот на настаните и минималната победа. Реваншот е следната недела во Берлин.
Најдобри стрелци во победничкиот тим во отсуство на Ремили, беа Мартиновиќ и Деска со по осум гола, а Апелгрен имаше 12 одбрани. Кај Фуксе Берлин, Гидсел даде 13 гола, а голманот Милосављев собра десет интервенции.

























