Шведскиот селектор Микаел Апелгрен јасно стави до знаење дека ситуацијата меѓу ПИК Сегед и Јим Готфридсон нема да влијае врз статусот на искусниот организатор на играта во националниот тим.
Иако Готфридсон пред две недели доби отказ од унгарскиот клуб, чиј тренер е токму Апелгрен, сепак повторно се најде на списокот на шведската репрезентација за претстојните пријателски натпревари со Хрватска.
Апелгрен нагласи дека Готфридсон и натаму има големо значење за шведската селекција, особено во период кога тимот минува низ генерациска смена. Според него, на репрезентацијата и се потребни искусни играчи кои со години биле носители на играта и придонесувале за силните резултати на меѓународната сцена. Воедно, шведскиот селектор порача дека не гледа причина плејмејкерот да биде тргнат од националниот тим поради клупската ситуација.
Апелгрен не сакаше да ја коментира самата разделба меѓу ПИК Сегед и Готфридсон, но призна дека станува збор за многу специфична ситуација. Сепак, тој подвлече дека односот меѓу нив двајца останал непроменет.
„Имаме многу добар однос со Готфридсон. Се е исто како и порано. Тој сака да продолжи да игра за репрезентацијата, а јас како тренер сметам дека може да биде корисен за националниот тим“, изјави Апелгрен.
Дополнителна тежина на целата приказна дава фактот што токму ПИК Сегед неодамна еднострано му го раскина договорот на 33-годишниот Швеѓанец, иако тој имаше тригодишен договор и во клубот пристигна дури минатото лето. Готфридсон потоа јавно реагираше, оцени дека постапката е незаконска и најави правни чекори. Во меѓувреме, во спорот се вклучи и меѓународниот синдикат на ракометари, кој застана на страната на играчот.
И покрај тоа што долго време не беше во натпреварувачки ритам, Готфридсон останува важна фигура во репрезентацијата на Шведска. Шведска и Хрватска ќе одиграат два пријателски натпревари во средината на мај.
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.

























