Прилеп се зацврсти на лидерското место во плеј-аут фазата

Прилепчани славеа против последнопласираниот Радовиш со високи 40-26 во рамките на 6. коло од плеј-аут фазата.

Прилеп доминираше од самиот почеток и уште во првото полувреме обезбеди значајна предност (19:11), која во продолжението дополнително ја зголеми.

Со брза транзиција, цврста одбрана и висок процент на реализација, домашниот тим целосно го контролираше текот на натпреварот.

Најефикасен во редовите на Прилеп беше Денис Шабановиќ со осум погодоци, додека одлична поддршка дадоа Александар Тренчевски, Ангел Крстески и Никола Цветаноски со по седум голови. Кај Радовиш се истакна Томче Трајчевски со осум гола.

Со овој триумф, Прилеп дополнително ја зацврсти лидерската позиција во плеј-аут групата и продолжува со одлични настапи во завршницата од сезоната. На табелата момците на Наум Танески се на првото место со 32 бода, пред Еурофарм Пелистер 2 кој има 25 на четири кола до крајот на сезоната.