Вардар останува рекорден по бројот на освоени трофеи во Купот на Македонија, откако со 24-23 го победи Охрид, во драматично финале одиграно во Струмица. За Вардар ова е 18. Куп трофеј во витрините на „црвено-црните“, кои имаат шанса и да ја освојат и двојна круна, бидејќи има 8 бода предност во првенството.
Охрид ја има историската сезона за клубот играјќи во финалето, каде милиметри го делеа од голем успех. Имаа охриѓани шанса и последен напад, но имаа неуспешен обид за цепелин, по што истече времето и почна славјето на вардарци.
Мечот тргна со гол на Лазаревски, а потоа и пивотот на Охрид, Тасески, изнуди пенал кој Ѓукиќ го претвори во погодок. Вардарци постигнаа три гола во серија за 4-1 и таквата предност ја одржуваа петнаесетина минути.
Со поддршка од Валах момците на Чупиќ водеа и со четири гола, 6-2, па 8-4, пред Ојлески и Јасухира да намалат на минус два, откако исклучени беа Јагуриновски и Јанковски поради меѓусебен вербален дуел.

„Гладијаторите“ беа во налет, предноста на Вардар се стопи на еден погодок, но Тузолана успеа од пенал да врати плус два, 11-9. Охрид беше упорен и во последната минута пред одмор израмни на 12-12.
Имаше по уште еден напад на двете страни, вардарци беа прецизни преку Малус, а охриѓани не успеаја да упатат шут кон голот и на пауза се замина со водство на „црвено-црните“ со 13-12.

На стартот на второто полувреме Вардар одново зголеми на плус два, 16-14, но Охрид пак се врати во реми, а имаше и шут на празен гол, кој не го погоди Иванковиќ за водство на „гладијаторите“.
Пилиповиќ влезе во серија одбрани, тоа им даде дополнителна самодоверба на охриѓани, во нападот беа непогрешливи и преку Ѓукиќ и Савревски стигнаа до највисоки плус три, 20-17, па Чупиќ мораше да реагира со тајм-аут.

Oхрид почна да греши, а Валах да брани и само за неколку минути се стопи нивната предност, па Вардар го врати мечот во егал, 21-21. Вардар можеше да се врати во егал, но Тузолана промаши пенал.
Потоа беше 22-22, но Иванковиќ не реализира зицер, Јасухира загуби топка и Вардар казни преку Горига за плус еден, 23-22, а потоа и Ѓукиќ не реализира пенал, но и Пилиповиќ одбрани шут на спротивната страна.























