Екипата на Спартак направи изненадување и славеше против екипата на Чаир со 24-23 во драматичен натпревар во второто полуфинале од Купот на Македонија.
За разлика од првото полуфинале, ова беше многу понеизвесно и поинтересно, па се решаваше во последните моменти. Остри стартови на двете страни и три црвени картони, како и голмански одбрани го одбележаа овој натпревар. Ривал на Спартак во мечот за трофеј ќе биде тимот на Ѓорче Петров.
Се погодуваше наизменично на двете страни во првите петнаесетина минути до 7-7, а екипата на Спартак на голот ја имаше расположената Кицеска и во нападот Андовска, па се одлепи на водство од плус два, 9-7.

Чаирчанки по тајм-аутот на тренерот Љатифи успеаја да се вратат во егал, но се повреди Амар, потоа и Коловска доби директен црвен картон по остриот старт над Андовска и тоа беше доволно за плус три гола предност на паузата, 13-10.
На стартот на второто полувреме Зечевиќ доби црвен картон по еден остар старт, а на 15-12 за Спартак, тимот од Кисела Вода остана и без Цветановска, која мораше на трибини по трите исклучувања.

Митровиќ на голот на Чаир исто така беше солидна и запре неколку зицери, па нејзините колешки успеаја да израмнат на 16-16, но потоа одново следуваа грешки во нивните напади и одбрани на Кицеска, па беа казнети.
Спартак отиде одново на највисоки плус три кога остануваа да се играат уште пет минути, 21-18, но тука не беше крајот на возбудувањата. Искусната Величковска изнуди исклучување, а од пенал погоди Миновска за 22-21.

Чаир имаше напад за реми, но немаше реализација и казната стигна преку Андовска за 23-21. Беше и 24-22, Дамчевска даде гол за минус еден, 24-23, но немаше повеќе време за нешто повеќе и славјето на Спартак можеше да почне.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Андовска со осум и Божиноска со шест гола, а фантастична на голот беше Кицеска со 16 одбрани. Во составот на Чаир, голманката Митровиќ имаше 13 интервенции, а Дамчевска даде пет гола.
Во големото финале утре од 17:00 часот во салата „Парк“ во Струмица, Спартак ќе го предизвика бранителот на трофејот, Ѓорче Петров.






















