Тренерот Борис Ројевиќ за утрешното финале од Купот на Македонија ќе има „една грижа помалку“ бидејќи Јапонецот Косуке Јасухира ќе може да биде во составот и да игра. Во финалето на Купот на Македонија, екипата на Охрид првпат ќе се бори за трофејот, а ривал ќе им биде тимот на Вардар.
Плејмејкерот на „гладијатрите“ кој дојде пред некоја седмица во Охрид, повреден излезе од игра во второто полувреме од мечот со Еурофарм Пелистер, и потскокнувајќи со помош на соиграчите мораше да го напушти теренот.
По извршените лекарски прегледи беше утврдено дека средниот бек на Охрид може да игра, и ќе биде во составот и ќе се бори за својот прв медал од Купот. Пред две сезони како дел од Вардар играше на завршниот турнир во Скопје, но„црвено-црните“ беа сопрени уште во полуфиналето.
По една сезона во Кувајт, сега Косуке Јаусхира дојде да му помогне на тимот од Охрид пред се за натпреварите од Купот на ЕХФ, но и во домашното првенство каде има шанса охриѓани да завршат на второто место на табелата.
Дуелот од финалето на Купот е закажан за утре, недела во 20 часот во Струмица.























