Ѓорче Петров супериорно до финале – ќе го брани трофејот во Купот

Бранителот на трофејот во Купот на Македонија, Ѓорче Петров, се пласираше во финалето без никакви проблеми, oткако славеа против Пелистер со 37-15.

Избраничките на Александар Царчев поведоа со 7-0 по десетина минути игра, а потоа беше и 9-2, и веќе немаше дилеми околу победникот.

Битолчанки останаа без Мемиќ, која изгледаше дека потешко повреди, но мина со истегнати лигаменти.

До паузата „лавиците“ направија плус 14, 19-5, а во второто полувреме стратегот на Ѓорче Петров ја замени цела постава, но немаше возбудувања.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Стефанија Ѓорѓиевска со девет и Теодора Дукоска со четири гола, додека голманките Вујисиќ и Јовановска комбинираа 13 одбрани. Во составот на Пелистер по три гола дадоа Бундоска, Елмазовска и Тодоровска.

Противник на Ѓорче Петров во финалето ќе биде победникот од дуелот меѓу Спартак и Чаир, што се игра вечерва од 20:00 часот во салата „Парк“.