Ракометарките на Куманово запишаа важни бодови против составот на Пелистер и славеа со 27-24 во натпреварот од 21 коло во Супер женската лига.
Куманово сега има 19 бодови на четвртото место, зад Вардар со 22, па интересна ќе биде битката за ТОП 3 до крајот на првенството, бидејќи Ѓорче Петров и Чаир се далеку напред.
Битолчанки пружија солиден отпор на генералната проба пред настапот на Ф4 во Купот на Македонија, па на паузата беше 15-13 за домаќинките, а во вториот дел избраничките на Моника Талевска стигнаа и до реми, 16-16.
Клучната серија за триумфот на Куманово беше до 45 минута, кога од 19-18 отидоа на плус четири, 22-18, и оттогаш не ја испуштија предноста.
Четири ракометарки во победничкиот тим – Стеин, Азеведо, Шехтанска и Павлова постигнаа по пет погодоци, додека исто толку даде Тодоровска во битолскиот тим.
























