Емоции и солзи „еден тон“: Крај за Лунде, Цвијиќ, Крпеж, Хагман…

Во последното коло од квалификациите за Европското првенство, голем број ракометарки за последен пат го облекоа репрезентативниот дрес, а големата Катрине Лунде го одигра и последниот натпревар во кариерата.

Норвежанката играше на мечот со Словачка од ЕХФ Евро Купот кој заврши со 38-19, а претходно последен пат беше на терените во финалето на СП 2025. Тогаш и заврши договорот со српскиот првак Црвена Звезда, а сега заминува во заслужена пензија со „еден тон“ медали, трофеи и признанија.

Некогашната вардарка Драгана Цвијиќ, за последен пат играше за Србија, која се пласираше на ЕП 2026. Кружниот напаѓач на Ференцварошт на лето ќе заврши со активното играње ракомет и ќе се подготвува за тренерска кариера.

Покрај Цвијиќ, за последен пат за Србија, играше и десното крило на Корона Брашов и една од најдобрите стрелци во српската репрезентација, Катарина Крпеж Слежак.

Црна Гора се прости од екс вардарката Итана Грбиќ и од Ивона Павичевиќ, додека последен пат за хрватската репрезентација настапи една од сестрите Калаус, Лариса, која беше меѓу најдобрите на ЕП 2020, кога Хрватска стигна до бронзен медал.

Репрезентативната кариера ја завршија и двете шведски легенди – Натали Хагман и Јамина Робертс. Хагман на лето престанува со активно играње ракомет, додека за Робертс се уште не е познато. Тие одиграа на мечот со Литванија и со победа се простија од националниот тим. Последен пат во националниот тим на Швајцарија играше Керстин Кундиг.