Амбициозниот Охрид утре го очекува реваншот од четвртфиналето на ЕХФ Европскиот Куп против грчкиот Олимпијакос.
Охриѓани славеа на првата средба со 31-26 и имаат одлична залиха, но тоа не треба да биде знак за опуштање пред реваншот.
Тренерот Борис Ројевиќ посочува за таков пример од минатата сезона на грчкиот тим и бара поддршка од навивачите во битката за историски успех за клубот.
„Ништо не е готово, гледам дека во јавноста се смета дека се е готово, но пет голови се стигнуваат многу лесно и брзо. Морам да дадам пример од минатата сезона, кога Олимпијакос на гости победи кај Турда со пет гола на гости, дома загуби четири. Ова е опасен резултат, бидејќи ние имаме и четворица повредени ракометари, нашите тренинзи не се како минатата недела, па ќе ни треба голема поддршка, не само од Охрид, туку и од цела Македонија за да се пласираме во полуфиналето. Немаме за жал преширок ростер, десетина ракометари го изнесуваат товарот и се гледа замор кај нив, па невозможно беше во шест дена да одиграме три меча со цела сила и две патувања во Атина и Скопје и затоа не игравме вчера со полн состав. Се надевам дека здравствениот билтен ќе биде добар утре и дека ќе можеме комплетни да играме против Олимпијакос. Тие сигурно ќе пробаат да сменат нешто во својата игра, но сметам дека клучно за пласманот понатаму ќе биде кој ќе има подобра енергија во овој меч. Се надевам дека полната сала ќе им даде ветар во грб на моите играчи“, изјави Ројевиќ.
Натпреварот меѓу Охрид и Олимпијакос се игра утревечер во СРЦ „Билјанини Извори со почеток во 18:00 часот.

























