Португалскиот првак Спортинг Лисабон славеше против Висла Плоцк со 33-29 во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите.
Иако момците на Рикардо Кошта водеа и со десет гола против полскиот првак, на крајот може да жалат што само со четири позитива ќе патуваат во реваншот.
Предводени од браќата Франциско и Мартим Кошта кои комбинираа 19 гола, Спортинг водеше со 19-12 на полувреме, а во вториот дел отиде и на плус десет, 23-13.
Сепак искусниот гостински состав успеа да ја стопи негативата, на крајот имаше и пенал за минус три, но Ричардсон не погоди.
Покрај браќата Кошта, Торкелсон додаде уште шест гола, а голманот Али запиша десет одбрани, додека кај Висла по пет пати погодија Крајевски, Ричардсон и Дашек, а голманот Бергеруд имаше 13 одбрани.
Победникот од овој двомеч оди на екипата на данскиот Алборг во четвртфиналето.























