Машката сениорска репрезентација на Македонија против Словачка ќе се бори за пласман на осмото СП по ред, откако низата почна на Мундијалот во 2013 во Шпанија или 16 големо натпреварување по ред, по низата што почна на ЕП 2012.
Натпреварите на кои Македонија е фаворит ќе се играат на 13/14 мај на гостински терен, а градот допрва треба да биде потврден од словачката федерација (Бистрица, Братислава, Хлоховец, Тополчани, Кошице…), додека реваншот е на 17 мај од 19:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Словачка нема преголема традиција во машкиот репрезентативен ракомет и досега има играно на шест големи натпреварувања (СП 2009 – 10 место, СП 2011 – 17 место, три пати последно место на ЕП – 2006, 2008, 2012, и 18 место на доманшото ЕП 2022). Последен пат на СП играле во 2011 година.
Македонија и Словачка досега низ историјата одиграле само две официјални средби. Во квалификациите за ЕП 1996, Македонија на домашен терен славеше со 28-26, додека Словачка победи дома со 26-24.
Словачка ја предводи шпанскиот стратег Фернандо Гурих, кој во јули 2022 година потпиша четиригодишен договор со тамошната федерација, откако по неуспешниот бараж за СП 2023, го замени Петер Кукучка.
Гурих, кој од 2017 година работеше во младинските селекции на Словачка, добро ги познава ракометните услови во оваа земја, но имаше три неуспешни циклуси за пласман на големите натпреварувања. Во националниот тим сега нема играчи од типот на Штохл, Антил, Страновски, Кукучка, Рабек…но има играчи кои ако бидат потценети може да прават проблеми.
Словачка беше директно пласирана во вториот бараж за СП 2027, а таму ја победи Украина со 27-24 на првиот меч, додека во реваншот загуби со 32-31. На овој двомеч прв стрелец со 15 голови беше левото крило Јурај Бриатка, кој по настапите за грчкиот АЕК Атина и австрискиот Холабрун, се врати во татковината и игра за тимот на Бојнице.
Особено внимание треба да се обрне и на бековите Мартин Потиск од белорускиот Мешков Брест и Јакуб Прокоп од шпанската Торелавега, кои исто така беа меѓу најдобрите. Последните репрезентативни натпревари во кариерата ги одигра капитенот Љубомир Дуриш, па тој нема да настапи против Македонија.
Гурих по две години пауза во репрезентацијата го врати и искусниот Лукаш Урбан, кој македонските екипи го знаат по настапите за Татран Прешов. Голманската двојка е солидна со Маријан Зернович од унгарскиот Будаи и Мартин Конечни од австрискиот Ферлах, а на линијата од шест метри најопасен е Шимон Мачац.
Словачка во составот го има и 18-годишното десно крило Адам Допјера, кој од оваа сезона е вклучен во првиот тим на Веспрем, а истовремено игра и за младинците, но тој не добива голема минутажа од селекторот Гурих.
Резимирано, ако Македонија одигра на своето најдобро ниво и ако селекторот Кирил Лазаров го има целиот состав на располагање за мајскиот двомеч, Словачка не треба да биде проблем на патот кон нов Мундијал.
























