Кадетската репрезентација на Македонија покажа дека има квалитет и талент што треба да се „бруси“, откако на двата контролни натпревари со младинците, не само што „покажаа заби“ туку на вториот меч и победија со 29-27. Иако крајниот резултат е „тесен“ мечот беше со сосема поинаков тек. Водеа и диктираа кадетите, а младинците тешко тоа го стигнуваа.
Во прилог на кадетите им одеше тоа дека клупата кај младинците беше ослабена, па селекторот Наум Танески не можеше да смета на своите соработници од Автокоманда, Јане Цветковски и Миле Бочкаровски кои на овие тренинзи и натпревари не беа на клупата, ниту на тренинзите. Официјална информација зошто го оставиле сам селекторот нема.
Но, тоа не ја намалува победата на кадетите кои делуваа и моќно на терен. Им следуваат важни натпревари следниот месец.
„Добредојдени се ваквите собири и контролни натпревари. Младинците ни беа одличен ривал на овие две контролни средби, а верувам и тие можеа против нас да испробаат свои варијанти. За мене е важно дека екипата „дише“ заеднички, се подобро се воигруваат иако имавме неколкумина играчи што поради разни причини не беа со нас. Веќе имаме база од околу 25 играчи кои се на тој поширок список на кадетите, иако има и други ракометари кои сигурно ќе добијат повик во иднина за да видиме како ќе се вклопат во нашата концепција. Ни следува настапот на Медитеранското првенство, а потоа и на Светското училишно првенство“, вели Горан Кузманоски, селекторот на кадетите.
Имаа на мечот кадетите повеќепати предност и од 6-7 гола, но на крајот разликата се намали на два гола. Младинците имаа шанса да влезат во егал завршница, но поради технички грешки и не реализирани шанси мораа на крај на им честитаат на своите помлади колеги.
„Резултатот никогаш не е важен, туку играта. Затоа и сакаме да играме повеќе контролни средби. Имавме одлични периоди на игра, а тоа го покажува и резулатот на мечот. Но, тешко се игра постојано на високо ниво, а од друга страна треба да има се даде шанса на сите, па затоа некогаш и имавме падови во играта. Важно е дека секој го знае своето место и дава максимум“, заврши Кузманоски.

























