„Мечот со Македонија не го гледаме како пријателски – сакаме победа по секоја цена!“

Машката репрезентација на Македонија утре во австрискиот град Брегенц ќе го има единствениот тест пред третиот бараж двомеч за пласман на Мундијалот во Германија наредната година.

Селекторот на домаќинот Икер Ромеро, вели дека овој меч против нашата селекција не го гледаат како пријателски, туку како квалификациски и посакуваат победа.

„Се фокусираме на самите себе и на нашиот систем. Натпреварот против Македонија не го гледаме како пријателски. Во овој меч влегуваме како да е квалификациски. Ќе дадеме сè од себе и сакаме по секоја цена да победиме. Одбрана, напад, транзиција, контри, се посветуваме на секој сегмент. Фокусирани сме исклучиво на нас и на тоа како сакаме да играме. Се надеваме на полна сала, тоа ни дава дополнителна енергија. Со поддршка од трибините и, се надевам, победа над Македонија, ќе стекнеме самодоверба пред баражот за Светското првенство во мај“, изјави Ромеро.

Натпреварот меѓу Македонија и Австрија се игра утре во Брегенц од 18:00 часот.