Гол-шоу на новиот вардарец, победничко деби на Душебаев, Данска и набива комплекс на Норвешка

Покрај квалификациските средби за Мундијалот во Германија наредната година, низ Европа се играат и пријателски натпревари во рамките на ЕХФ неделата.

Селекцијата на Хрватска, иако ослабена, славеше убедливо против Швајцарија со 34-26, а меѓу најдобрите беше и новиот вардарец Леон Љевар со седум гола, покрај Иван Мартиновиќ со шест и Лука Циндриќ со пет, додека голманот Доминик Кузмановиќ собра 12 интервенции. Во составот на Швајцарија, Мануел Зендер даде шест гола.

Холандија немаше проблеми против САД, иако имаше тројца дебитанти во составот, а со ист резултат 39-30 и Данска ја совлада Норвешка, која реди високи порази на натпреварите против соседот.

Талант Душебаев имаше победничко деби на клупата на Франција и тоа на мечот против „неговата“ Шпанија, 29-26, а Германија предводена од Јури Кнор со осум гола славеше против Египет со 41-38, за кој Омар Јахја и Сеиф Елдера стрелаа по шест пати.

Естонија запиша две убедливи победи против Велика Британија, додека Шведска го совлада Исланд на гостински терен.

Пријателски натпревари, резултати:

Естонија – Велика Британија 42-23
Хрватска – Швајцарија 34-26
Холандија – САД 39-30
Германија – Египет 41-38
Франција – Шпанија 29-26
Данска – Норвешка 39-30
Исланд – Шведска 33-35
Естонија – Велика Британија 32-25