Ракометниот клуб Дубочица од Србија испиша нова страница во својата историја, откако обезбеди пласман во европските купови и му донесе на Лесковац (град на југот од Србија) голем спортски момент што се чекаше цели седум децении. На три кола до крајот на регуларниот дел од првенството, тимот веќе го осигура четвртото место, што значи дека во октомври ќе дебитира на меѓународната сцена во ЕХФ Купот.
Овој успех има уште поголема тежина ако се земе предвид богатата ракометна традиција на клубот и градот. Дубочица, некогаш под името Партизан, беше дел од првата сезона на сојузната лига во поранешна Југославија во 1957/1958, кога во елитата настапуваа само осум екипи од целата држава. Во сезоните 1959/1960 и 1960/1961 клубот ги оствари и своите најдобри резултати во тоа време – две четврти места, а истиот пласман сега го повтори и генерацијата предводена од тренерот Саша Пејчиќ.
Лесковчани потоа минуваа низ различни фази – од стабилни настапи во елитата, преку падови и реорганизации, па сè до ново издигнување во српскиот ракомет. Особено силен бил периодот од 1970 до 1986 година, кога тимот беше стандарден прволигаш и често завршуваше во горниот дел од табелата. Подоцна следуваа децении на осцилации, но во последните пет сезони Дубочица двапати завршила на шестото и трипати на петтото место, што јасно покажа дека клубот постепено се приближува до голем исчекор.
Токму тој исчекор сега конечно е направен. Со вложување во клубот, стабилност во ростерот и континуитет во стручниот штаб, Дубочица стигна до резултат што во Лесковац се чека со генерации. За клуб со ваква традиција, европскиот пласман не е само моментален успех, туку и потврда дека повторно се враќа на мапата на важни регионални ракометни приказни.
Во октомври, Лесковац ќе добие европски ракомет и шанса Дубочица за првпат да се претстави надвор од националните рамки.

























