Некогашниот српски репрезентативец Илија Абутовиќ ќе го напушти Еурофарм Пелистер на крајот од сезоната и кариерата ќе ја продолжи во редовите на српскиот првак Партизан.
Искусниот ракометар, кој остави длабока трага во дресот на Вардар, повторно ќе замине од Македонија, но овојпат се враќа во својата татковина. Белградскиот клуб и официјално го потврди неговото ангажирање, со што Абутовиќ по повеќе од една деценија повторно ќе го облече црно-белиот дрес, откако за Партизан настапуваше во периодот од 2007 до 2010 година.
По заминувањето од Скопје, Абутовиќ играше за германскиот Рајн Некар Левен и францускиот Шарт.
Со неговото доаѓање, Партизан јасно ги покажува високите амбиции за наредниот период. Клубот веќе започна сериозен проект, а на тренерската позиција е ангажиран Раул Гонзалес, стратегот кој му ја донесе првата европска титула на Вардар.
Абутовиќ со своето искуство и дефанзивна цврстина се очекува да биде еден од клучните играчи во новиот тим на Партизан, кој има намера повторно да се врати на врвот во регионалниот и европскиот ракомет.

























