Повратник во националниот тим на Македонија пред пријателската средба со Австрија е пивотот Милан Лазаревски.
Тој поради повреда го пропушти ЕП, но сега е подготвен да одговори на репрезентативниот предизвик.
„Многу ми е драго што повторно сум дел од националниот тим и заедно со момците. Фала му на Бога, повредата е минато и задоволен сум од тоа како се вратив и како кревам форма. Добриот настап на Европско првенство ни овозможи полесен пат до следното Светско првенство. Овој натпревар ќе служи како увертира и воигрување на играчи кои немаат константна улога или повредените како мене пред баражот. Сите овие натпревари и собири се добредојдени и сигурен сум дека исходот ќе биде позитивен“, изјави Лазаревски.
Македонија ќе игра против победникот од двомечот меѓу Украина и Словачка во последниот бараж за СП 2027.
„Не би сакал лично како играч да калкулирам и да бирам противик. Кога и да излеземе на терен ние сме професионалци и сакаме да се натпреваруваме. Имавме среќа во патот во квалификациите, но кој и да биде победник од вториот бараж, ние се гледаме како учесници на светскиот собир. Главна цел е во најмала рака да го задржиме континуитетот на големите собири на Македонија“, заврши Лазаревски.
Натпреварот меѓу Македонија и Австрија ќе се игра на 21 март од 18:00 часот во Брегенц.

























