„Горига оди во Сегед, доаѓа Љевар, но и уште две засилувања!“

Вардар е многу блиску да се врати на македонскиот трон и на лето да аплицира за вајлд-карта за Лигата на шампионите.

Стратегот Иван Чупиќ вели дека костурот на тимот ќе остане, освен левиот бек Дмитро Горига кој се сели во ПИК Сегед, но најавени се уште две засилувања на бековските позиции.

„Сакаме Вардар да се врати во Лигата на шампионите. Веќе четири години Вардар не е во Лигата на шампионите, а три години не е на тронот во Македонија. Поставивме цели. Сè уште бараме две засилувања. Ако успееме во тоа, верувам дека ќе биде одлично. Ни заминува Горига во ПИК Сегед, а доаѓа Љевар. Веќе дојдоа Воркапиќ и Силва, побрзо од очекуваното затоа што останавме без Талески и Борозан. Доаѓа Бомаштар, ќе видиме кој уште“, вели Чупиќ за „Спортске Новости“.

Вардар треба да го засили ростерот и со српскиот репрезентативец Марко Тасиќ, доаѓа младиот Бобан Поповски, како и голманот Милан Бомаштар, а во комбинација е македонскиот репрезентативец Мартин Серафимов, но и уште неколку други ракометари на бековските позиции.