По Ѓорче Петров и Чаир, кои добија директно место во четвртфиналето на Купот на Македонија, уште шест екипи ја обезбедија таа фаза по победите во елиминациите. Меѓу шесте патници во ТОП 8, се најдоа и три прволигашки екипи – Ѓорче Петров 2, Атлетик и Овче Поле СУ.
Битолчанки немаа проблеми и прославија убедлива победа против Стружанка со 11 погодоци. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Анастасија Тодоровска и Даниела Шиниковска со по осум гола, додека кај Стружанка девет гола даде Еџе Сејадин.
Прволигашот Атлетик испиша историја уште во првата година од постоењето и успеа да се пласира во четвртфиналето на Купот на Македонија. Избраничките на Татјана Хмирова покажаа дека местото им е во елитната конкуренција и го елиминираа штипски Астибо со триумфот со 30-26. Предводнички на Атлетик беа Сара Богојеска со седум гола, како и Исидора Котевска и Анастасија Дамјановска со по пет погодоци, а кај Астибо најдобра беше Марија Анчева со десет гола.
Поранешниот освојувач на трофејот во Купот на Македонија, Куманово, немаше никакви проблеми и го победи тимот на Шампион со 48-14. По девет гола за победникот дадоа Маријана Азеведо и Меланија Јовановска, а Катерина Тошеска постигна пет за Шампион.
Во драматична завршница ракометарките на Ѓорче Петров 2 приредија сензација и го елиминираа суперлигашот Вардар по изведувањето на пеналите, откако регуларниот дел заврши 26-26. Херој на младите „лавици“ беше голманката Сара Илиоска, која го одбрани последниот удар на домаќинките за триумф со 29-28, а претходно погодија Маринчов, Наумовска и Ѓероска, додека за Вардар прецизни беа ссамо Голабоска и Беровиќ.
Овче Поле СУ на домашен терен беше подобар од Деспина со 38-19, откако водеше и на полувреме со 14-8. Прилепчанки се држеа до 8-8, но потоа попуштија, примија шест гола во серија во финишот на полувремето, а во вториот дел комплетно доминираше домашната екипа. Јована Ангеловска беше предводничка со девет гола на Овче Поле СУ, додека за Деспина, искусната Мери Гичева стрелаше седум пати.
Спартак е последната екипа што се пласираше во четвтфиналето, откако без мака триумфираше во Гостивар кај Јехона со 42-14, откако и на полувремето водеше со 22-5.
Куп на Македонија, елиминации:
Пелистер – Стружанка 34-23
Астибо – Атлетик 26-30
Шампион – Куманово 14-48
Овче Поле СУ – Деспина 38-19
Вардар – Ѓорче Петров 2 28-29 пен., 26-26
Јехона – Спартак 14-42

























