Ѓеоргиевски: Средбите на Бутел и Тиквеш се неизвесни – не чека тврд натпревар со цврсти одбрани

Екипите на Бутел Скопје и Тиквеш заостануваат бодовно зад водечката четворка на табелата во суперлигашкиот плеј-оф, но останува битката за место во Европа.

Капитенот на Бутел Скопје, Димитар Ѓеоргиевски, ги сподели очекувањата преед незгодното гостување кај Тиквеш во „Јасмин“.

„Очекуваме еден тврд натпревар со цврста одбрана на двете страни и секако мислам дека можеме да се вратиме со два бода од Кавадарци. Натпреварите со Тиквеш се секогаш интересни и неизвесни како во Кавадарци така и во Скопје. Мислам дека ќе победи екипата која ќе има помалку технички грешки“, изјави Ѓеоргиевски.

Тој смета дека меѓусебните дуели меѓу овие две екипи ќе го одлучуваат петтото место бидејќи тешко дека може да се надеваат на нешто повеќе со натпреварите против водечката четворка.

„Ова е борба меѓу Бутел и Тиквеш за петтото место и тие два натпревари ќе одлучуваат кој ќе биде петти. Што се однесува до натпреварите со првата четворка, мислам дека се далеку пред сите други екипи во лигата и на тие натпревари ни останува да го дадеме нашиот максимум“, заврши Ѓеоргиевски.

Натпреварот меѓу Тиквеш и Бутел Скопје се игра в недела во салата „Јасмин“ со почеток од 18:00 часот.