Два града ќе лицитираат за домаќин на Ф4 од Купот

Следниот домаќин на завршниот турнир од Купот на Македонија во машка конкуренција најверојатно ќе биде познат по одржувањето на лицитација – наддавање, преку кое ќе се избере градот што ќе го организира Ф4 турнирот. Во овој момент најсериозен интерес покажуваат Битола и Охрид, односно екипите на Еурофарм Пелистер и Охрид, кои се споменуваат како најзаинтересирани да го добијат домаќинството.

Финалниот турнир е планиран да се одигра од 17 до 19 април. Според пропозициите прво ќе се организира лицитацијата за избор на домаќин, односно ќе се одреди каде ќе се игра, а потоа ќе следува и извлекувањето на полуфиналните двојки. Победниците од полуфиналињата ќе се борат за трофејот во финалето.

Лицитацијата не е новост за Купот, особено во машка конкуренција. Иако во некои сезони домаќинот се одредуваше и со едноставна номинација, праксата на наддавање е дел од историјата на натпреварувањето. Во 90-тите години, кога ваквиот модел беше почест, сумите што се вртеа околу организацијата знаеја да достигнат и 70-80 илјади тогашни германски марки, а најжестоката борба за домаќинството традиционално се водеше меѓу Пелистер и Вардар.

Лани Ф4 од Купот се играше во Охрид, а трофејот го освои Вардар. Оваа година, пак, амбициите се уште поголеми кај сите екипи. Еурофарм Пелистер силно посакува да го врати трофејот во своите витрини и да стави крај на долгото чекање – последниот куп трофеј на битолчани е од 2005 година, иако клубот речиси редовно е дел од завршниците и често игра Ф4 турнир. Три сезони е шампион, но нема освоено Куп.

Од друга страна, Охрид живее во еуфорија и налет по одличните резултати сезонава и пласманот во четвртфиналето на Купот на ЕХФ. Со сериозна екипа и големи амбиции, охриѓани сакаат да го искористат моментумот и конечно да стигнат до голем трофеј, кој би бил историски за клубот. Тие имаат шанси да се борат и за титулата, но Купот е првата шанса да се зграби трофеј сезонава.

На завршниот турнир ќе настапат две екипи од Скопје, и по една од Битола и од Охрид – четворка што ветува силни и неизвесни полуфиналиња, полни трибини и неизвесни натпревари, без разлика дали домаќинот ќе биде Битола или Охрид.