Малер до малер за Халил Јагањац

Поранешниот ракометар на Металург, Халил Јагањац, се соочи со нов сериозен пех и подолг период нема да може да му помогне на својот клуб Рајн Некар Левен.

Хрватскиот репрезентативец, чија кариера често е прекинувана од повреди, за време на тренинг со својата екипа заработил фрактура на метатарзална коска на стапалото. Јагањац веќе бил опериран, а според информациите од клубот, интервенцијата поминала успешно и без компликации.

Добрата вест е што 27-годишниот ракометар веќе ја започнал рехабилитацијата, но се очекува да паузира подолг период од терените.

Јагањац пристигна во Македонија на само 19 години, кога од вториот тим на ПСЖ се пресели во Металург. Одличните настапи во скопскиот клуб му донесоа трансфер во Нексе Нашице, кој во тоа време плати значителна отштета за неговите услуги.

Од Нашице направи голем чекор во кариерата со трансфер во Келце, иако не заигра за полскиот првак, па кариерата ја продолжи во германскиот гигант Рајн Некар Левен. Сепак, серијата повреди повторно го оддалечува од ракометните терени.