Женската репрезентација на Македонија загуби на гостувањето кај Белгија со 26-25 во третиот натпревар од квалификациите за Европското првенство во Романија, Чешка, Словачка, Полска и Турција.
Иако имавме предност од четири гола, сепак во финишот домаќинот успеа да направи пресврт и да слави прва победа во квалификациите за европските шампионати во досегашната историја.
Селекторот на Македонија, Кристијан Грчевски, вели дека притисокот е причината за поразот.
„Тежок натпревар во кој не потклекнавме под притисокот од публиката, но не успеавме целосно да се справиме со сопствениот притисок, свесни за значењето што го имаше овој дуел за нас. Го започнавме мечот добро, но имавме падови во играта, а на сличен начин го отворивме и второто полувреме. Сето тоа е последица на ротацијата во составот, со оглед на тоа што имаме повеќе повредени играчи и настапивме без класичен среден бек“, изјави Грчевски.
Следен предизвик за Македонија ќе биде домашниот натпревар со Белгија на 7 март во Куманово на кој ќе мора да се запише победа од најмалку два гола разлика.





















