За разлика од плеј-офот каде четири екипи влегуваат со свои математики и планови како да стигнат до титулата, тимовите кои во регуларниот дел од сезоната се пласираа од 7. до 12. место ќе разигруваат за опстанок. Според досега прикажаното, најверојатно важно ќе биде само кој тим ќе игра бараж.
Само една недела ќе трае „одморот“ на суперлигашите кои веднаш продолжуваат во дуелите од плеј-офот и борбата за титулата. Денеска е ждрепката за натпреварувачките броеви, и ќе биде познат календарот на следните 10 кола од плеј-офот и плеј-аутот. Сезонава е различно во однос на досегашната пракса, и тимовите ги задржуваат освоените бодови од регуларниот дел на сезоната. Бидејќи се смени правилото за плеј-офот и плеј-аутот, сега екипите влегуваа максимално на секоја средба, и се бореа за бодови, и сакаа да направат разлика во однос на другите.
Единствено Радовиш нема освоено ниту еден бод по 22 одиграни кола. Лани останаа „административно“ откако Борец ФЛ беше исклучен бидејќи не го одигра својот меч до Купот. Но, сезонава радовишани немаат тим со кој може да се носат, и се најголеми кандидати за преселба во понизок ранг.
Меѓу Струга и Куманово би требало да се бара патникот во баражот, односно со второпласираниот тим од Прва лига. Двете екипи тргнуваат со по 7 бода. Неизвесно е како ќе играат во меѓусебните дуели, бидејќи Куманово се ослободи од многу странци, па сега ќе мора да се потпрат на своите сили.
Пролет е во „златната средина“ и не би требало да има проблеми. Има полусезона во која сигурно ќе им даде шанса на помладите, особено на оние од кадетскиот тим кој е многу талентиран, па уште сезонава повеќемина веќе настапуваат и за сениорскиот тим. Останува да се види како новиот тренер Доне Мајнов ќе се снајде со првиот предизвик, бидејќи ќе треба да обезбеди опстанок, и да прави тим за в година.
Прилеп и Еурофарм Пелистер 2 се „најсериозни“ во оваа конкуренција. Штета е што не може и двата тима да бидат во плеј-офот, бидејќи имаат квалитет. Прилепчани тргнаа послабо, но како продолжува сезоната се подобри и тоа го покажуваат со играта. В година сигурно ќе бидат во „одбраното друштво“.
Вториот битолски тим поради еден домашен кикс не влезе во плеј-офот, и тие имаат квалитетен тим, па веројатно в година ќе ја бараат шансата. А дотогаш ќе мора да се одиграат уште 10 кола од плеј-аутот и плус мечевите од Купот на Македонија.
Табела за плеј-аут
1. Еурофарм Пелистер 2 – 21 бодови
2. Прилеп – 20 бодови
3. Пролет – 13 бодови
4. Куманово – 7 бодови
5. Струга – 7 бодови
6. Радовиш – 0 бодови

























