Ракометарките на Овче Поле СУ остварија значајна победа на домашен терен и го совладаа Ѓорче Петров 2 со 29-20 во рамки на 15. коло од Првата женската лига.
Со овој триумф, домашниот состав сега е на делба на второто место токму со Ѓорче Петров 2 со по 19 бодови, па до крајот на сезоната ќе има жестока битка за суперлигашки бараж.
Гостинките тргнаа добро и водеа, но во финишот на полувремето домашниот тим направи пресврт и имаше добра залиха на паузата, 14-9.
Иако се очекуваа повеќе возбудувања во вториот дел, Овче Поле СУ не дозволи камбек на гостинките и рутински го доврши мечот во кој имаше два црвени картони за домаќинките – за Јана Ристовска и Јована Ангеловска.
Најдобра во домашниот состав беше Анастасија Сентовска со десет гола, додека кај Ѓорче Петров 2 се истакнаа Кристина Наумовска и Марија Димоска со по пет погодоци.

























