Ракометарките на Спартак ја запишаа првата победа оваа сезона во Супер женската лига, откако славеа на гостински терен во Штип кај Астибо со 30-26.
Иако домаќинките поведоа со 6-1, а на паузата водеа со 16-12, попуштија во финишот од средбата и гостинките се радуваа на бодовите.
Последен пат беше нерешено 23-23 на десетина минути до крајот, кога избраничките на Велимир Мицевски ја направија клучната предност и не дозволија домаќинот да се врати.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Зечевиќ, Божиноска и Николовска со по седум гола, додека кај Астибо се истакнаа Анчева и Ксавиер со осум, односно шест погодоци.
Сега Спартак има четири бода на делба на седмото место со Пелистер, додека Астибо остана шести со седум бода, па битката за избегнување на баражот ќе биде интересна до крајот.

























