Алушовски: Ако бевме поприсебни можевме да го „свртиме“ мечот

Еурофарм Пелистер покажа дека и кога има негатива не се предава, но лошиот почеток на мечот, техничките грешки, па и веројатно искуството беа причина на крај гостите од Полска да си заминат со два бода и триумф 28-25.

Сега ќе биде потешко да се стигне до осминафиналето, веројатно само во доменот на теорија, но за битолчани е поважно дека и со новиот тренер имаат игра. Ќе мора само да имаат континуитет и да немаат „лоши пет минути“ на мечевите.

„Многу лошо го отворивме натпреварот. Бевме во подредена позиција од почетокот и тешко е да се брка резултат против екипа како Плоцк. Имавме проблеми во нападот, и тука ја гледам причината за загубенот меч. Но, гледам позитивно, имавме карактер, се вративме од 6 гола негатива, дојдовме на 1 гол. Ако бевме поприсебни, можевме да го „свртиме“ мечот. Но, тие се преискусни, нас ни треба време за некои работи што ги договараме во напад, да се испочитуваат да бидат направени како треба. Немаме време, треба се во од. Имаме добра екипа, добра атмсофера. Теоретски шанси има. Секој меч е посебен за себе. Јас сум задоволен како работиме, но треба многу повеќе, вели Стефче Алушовски, тренерот на битолчани.